Ако имаш знаење, знаеш и како

„Откако ги завршив моите студии по стоматологија веднаш почнав да аплицирам за работа, –    вели 30-годишната Арта Алија –  но, немав среќа да ме примат во ниту една државна клиника.“

Суровата лекција којашто младите луѓе ја учат во овие тешки економски времиња е фактот дека образовните квалификации, обуката и вештините не се доволни за да се осигура вработување по дипломирањето. Иако во последните години бројот на лица кои се запишуваат на универзитет и бројот на оние кои ги продолжуваат постдипломските студии  е значително зголемен, сепак, се зголемува и бројот на невработени дипломирани лица. Во 2011 година бројот на невработени дипломирани лица изнесуваше над 20%. „Во овој контекст, – вели Татјана Шестовиќ, советник и координатор на мерките за обука во Агенцијата за вработување на Р.М. –  клучна цел на Програмата самовработување е да се охрабруваат невработените дипломирани лица, но  и другите да пронајдат различни начини преку коишто ќе ги искористат своите вештини.”

Арта работела две години во стоматолошки ординации во две села близу Тетово. Сепак, таа најмногу посакувала своја ординација, свој бизнис. Таа вели: „Јас ги поседувам техничките вештини, но нe поседував знаење од областа на бизнисот, ниту, пак, имав финансиски средства за да почнам  свој бизнис.”

Пријателите и семејството на Арта ја знаеја нејзината амбиција и ја охрабрија да аплицира за Програмата самовработување. „Во дневен весник го прочитав огласот за Програмата, но, сепак, мораше некој да ме убеди. Ние не сме навикнати да водиме свој бизнис, секогаш ни изгледало посигурно да работиме за некој друг.“

„Очигледно грантот беше голем поттик за аплицирање бидејќи не постоеше друг начин со кој би добила таква поддршка. Сепак, тоа не е целата приказна. Покрај тешкотиите за добивање финансиска поддршка, присутен беше и стравот од големиот број потребни документи, што често ги спречува луѓето да одговорат на  овој предизвик. Токму поради тоа би ги охрабрила другите кандидати да не се фокусираат на причините кои би ги спречиле да се пријават бидејќи без оглед на ризикот, за кратко време резултатите стануваат видливи, а со нив доаѓа и задоволството“, додава Арта.

Освен директната помош за развивање бизнис план, обуката им овозможува на    учесниците и запознавање со  основите за дефинирање на маркетинг стратегија за нивниот бизнис. Во случајот на Арта ова се покажа како придобивка од Програмата со клучно значење. „Порано воопшто не размислував  за маркетингот. Сега сум свесна дека успешноста на мојот бизнис зависи од промовирање на истиот“, вели таа.

Арта сега има своја стоматолошка ординација во Тетово. „Постои огромна локална конкуренција, но јас сум сигурна во себе и убедена сум дека ќе успеам и во иднина, со оглед на тоа што успеав да привлечам редовни пациенти, а мојата ординација постепено стекнува  добар имиџ и реноме во Тетово. Грантот многу ми помогна, опремата за една стоматолошка ординација  е многу скапа, но, сепак, обуките и добиената помош од консултантите беа уште подрагоцени“, додава таа.

Д-р Арта веќе има вработено една медицинска сестра во својата ординација, но има намера да ја прошири ординацијата со набавка на сопствена рендген машина и да вработи уште еден  стоматолог и медицинска сестра. На овој начин повторно се покажува значењето на Програмата самовработување, која овозможува работа не само за учесниците туку и за оние кои се вработуваат кај нив.

Откако еден бизнис е основан и истиот функционира, како што е бизнисот на Арта, Програмата нуди понатамошна поддршка преку обезбедување помош со финансирање на нови вработувања. Владата и УНДП во моментов помагаат  во развивање на веб страницата на којашто оние кои успешно ја завршиле програмата и основале свои компании ќе можат да ги разменат своите искуства и да имаат пристап до сите информации во однос на програмите за вработување. Веб страницата, исто така, ќе послужи за информирање и вклучување на оние кои размислуваат да учествуваат, со тоа што ќе обезбеди информации за Програмата.