ОХРИД ВО СВЕТОТ, СВЕТОТ ВО ОХРИД

„Првиот чекор во отворањето сопствен бизнис може да биде застрашувачки, па затоа многу одлични  идеи едноставно никогаш не се реализираат“, вели Синиша Пекевски, еден од експертите-обучувачи кои работат со Програмата самовработување. Тој вели: „Овие обуки се многу корисни за сите учесници бидејќи им помагаат да ги преточат своите идеи во реалност“.

Дваесет и седумгодишната Елена Наумовска од Охрид беше една од 900-те лица кои успешно аплицираа и ја завршија програмата во 2010 година. „Ја препорачувам оваа обука на сите оние  кои имаат добра бизнис идеја и кои се подготвени да истраат“. „Упорноста е клучна за да се искористи оваа можност бидејќи процесот на селекција за учество на обуката е само почеток. Треба да го изработите вашиот бизнис план до крајот на работилницата според стандардот кој се бара од страна на Експертската комисија“.

Упорноста на Елена се исплати веднаш по завршувањето на обуката. Таа сега води своја туристичка агенција и вработила свој персонал.

Елена дипломирала на Факултетот за информатичка технологија во Битола во 2006 година. И за време на студиите таа веќе работела како туристички водич. Со текот на времето ги зголемувала контактите, стекнувала искуство за обезбедување на сé повеќе услуги за туристите, па така неминовно се наметнала и идејата за отворање на своја туристичка агенција.  „Охрид е врвна туристичка дестинација во земјата“, вели таа. „Иако пазарот за еден релативно мал град е многу конкурентен, има уште потенцијал за различни видови туризам, како што се: еко туризмот, авантуристички одмори, конгреси, културен туризам, особено сега, кога нашата држава сé поуспешно се промовира низ светот“.

Елена знаеше дека за да почне да работи самостојно ѝ треба добар бизнис план со кој ќе ја надмине конкуренцијата. Таа вели: „Една од најважните работи  кои ги научив од Програмата е важноста од имање солидна маркетиншка стратегија“.

По завршувањето на обуката, Елена отвори една мала агенција во центарот на Охрид, на булеварот „Туристичка“. „Благодарејќи на грантот успеав да ја купам потребната опрема за канцеларијата, – вели таа – а финансиските средства ми овозможија да ја промовирам агенцијата на интернет до целните клиенти од земјата и од странство“.

Виолета Димитриевска, раководител на Одделот за активни мерки за вработување во Агенцијата за вработување на Република Македонија, истакнува: „Задоволни сме што од нашите учесници добиваме иновативни идеи од сферата на туризмот, особено од областа на еко туризмот. Тоа ја истакнува и нашата цел за поддршка на одржлив развој на најубавите и најранливите региони на државата“.

За да се успее во туристичкиот бизнис потребни се силни маркетиншки вештини и волја за воведување  нови идеи со цел да се привлечат туристи, особено кога одењето на одмор во тековната глобална економска клима се смета за луксуз. Елена го базира успехот на својот бизнис во проактивно рекламирање на интернет и нејзината упорност да најде нови понуди за различни видови туризам. „Фокусирањето на зимскиот туризам беше едно посебно откритие“, вели таа и додава: „Не можете да се потпрете само на една сезона. Создавањето добра соработка со меѓународните туристички агенции е уште една област за којашто е докажано дека е солидна инвестиција на време и енергија“.

По отворањето на агенцијата, Елена успеала да овозможи сместување над шестотини туристи од Хонк Конг и Кина, околу 150 туристи од Романија и преку 500 туристи од државите од поранешна Југославија. Уште позначајно е тоа што таа успеала да се пробие на пазарот и со конгресмен туризам организирајќи голема конференција за банкари во Охрид.

Потврдувајќи ги надежите на сите оние кои се вклучени во подготовката и реализацијата на Програмата самовработување, успехот на агенцијата на Елена резултирал со зголемени можностите за вработување и на други лица: „Сега во агенцијата имаме четири вработени“, вели таа. „Ни еден од нив претходно не бил вработен. За еден од вработените успеав да го искористам и грантот кој е дел од Програмата на Владата за субвенционирање на вработувањето“.

„Да се успее во ваквите тешки економски времиња е нешто што ме прави посебно горда“, вели Елена. „Полека, но сигурно градиме бренд кој еден ден ќе биде конкурент со главните туристички агенции во локалниот пазар. Нудиме висок квалитет на услуги, а наредниот чекор е промовирањето на агенцијата во повеќе држави, постојано подобрувајќи ги услугите кои ги нудиме, како и нивниот број“.