Најчести прашања

Кога се објавува оглас/јавен повик за пријавување во Програмата Самовработување за лица со попреченост?
Јавниот оглас  за Програмата Самовработување за лица со попреченост за 2017 год. се очекува да се објави наскоро.

Јавниот оглас, се објавува на веб страните на АВРМ и МТСП (www.avrm.gov.mk; www.rabotaimoznosti.mk и www.mtsp.gov.mk), како и огласните табли во центрите за вработување на АВРМ.

Кој се’ може да се пријави за учество во програмата Самовработување за лица со попреченост?
Во програмата може да се пријават работоспособни невработени лица со попреченост.

 

Доколку невработеното лице нема статус на активен барател на работа, мора претходно да поднесе барање и премине во регистарот на активни баратели, а потоа да аплицира за учество во програмата.

 

За подетални информации обратете се кај одговорните лица за програмата Самовработување во надлежните центри за вработување.

Список на вработени лица во центрите за вработување на АВРМ: http://www.avrm.gov.mk/content/pdf/SPISOKZAVRABOTENI.pdf

Каде можам да се пријавам за учество во програмата?
Пријавување на заинтересираните лица се врши лично во вашиот Центар за вработување.
Дали треба да регистрирам фирма пред да се пријавам?
НЕ.Во програмата Самовработување може да се пријават само невработени лица кои не се основачи или сопственици на фирма.
Како тече постапката за пријавување?
Сите заинтересирани невработени лица:

  • треба да бидат пријавени како активни баратели на работа во Центарот за вработување
  • да пополнат Пријава за учество со поддршка на вработени лица од Агенцијата за вработување.
  • да пополнат прашалник со поддршка на вработеното лице од Центарот за вработување и на крај кандидатот
  • да потпишат Изјава за согласност дека сака да учествува во програмата за Самовработување на лица со попреченост.
  • Да обезбедат  Наод и мислење за оцена на работната способност издадена од ПИОМ освен ако инвалидноста не е утврдена од друг надлежен орган.
Како можам подобро да се подготвам за пополнување на прашалникот и успешно го поминам овој чекор?
Можете подобро да се подготвите на следниот начин:

 

  • Присуство на информативни средби во Центарот за вработување, каде ќе добиете јасни информации и препораки за вклучување во програмата Самовработување.

 

  • Индивидуална подготовка преку користење на Прирачникот за развивање на претприемачки вештини, како и следење на видео обуки од областа на претприемништво на веб страницата на Самовработување (www.rabotaimoznosti.mk) Сите материјали се адаптирани за користење, соодветно потребите на лицата со попреченост.
Што е улогата на менторот?
Секој кандидат ќе добие менторска поддршка во период од 12 месеци. Во тој период, кандидатот и менторот интензивно заеднички ќе соработуваат и работат низ целиот процес.

Менторот ќе му пружи на лицето поддршка во однос на регистрацијата на правниот субјект, помош при набавката на опрема и материјали/репроматеријали од грантот, помош при обезбедување на потребните документи и лиценци за успешна работа, помош при отстранување на потенцијални ризици во работата на бизнисот и давање насоки за подобрување на истиот.

Какви обуки треба и можам да посетувам во рамките на програмата?
За сите кандидати задолжителна е Обуката за претприемништво и развивање на бизнис вештини каде што кандидатите подетално ќе ја развијат својата бизнис идеја.

Обуките ќе се спроведуваат во работните клубови на центрите за вработување.

Сите обуки ќе бидат прилагодени соодветно потребите на лицата со попреченост и истите ќе може да присуствуваат со придружба.

Што се очекува од обуката за претприемништво и стекнување на бизнис вештини?
За времетраење на обуката, кандидатот работи на развивање на сопствената бизнис идеја. Таа треба да претставува краен разултат од обуката. Доколку кандидатот има предвидено и дополнителни вработувања (со или без попреченост), ќе може и тие да ја следат обуката.
Како ќе дознаам за резултатот од реализираната обука?
По завршување на обуките, и оценка на бизнис идејата, службените лица лично ќе Ве известат за резултатите.
Откако успешно ќе ја завршам обуката, што е следниот чекор?
По завршената обука се изработува бизнис план кој ќе се оценува од страна на Експертска комисија.
Кој ги оценува бизнис плановите?
Оценувањето го врши надворешна Експертска комисија составена од експерти од банкарскиот сектор.
Како ќе добијам информација дали мојот бизнис план е позитивно оценет?
Потребните информации за оценувањето и селекцијата на Бизнис плановите ќе добиете од службените лица. Исто така, списокот на селектирани кандидати ќе биде објавен на веб страниците www.avrm.gov.mk и www.rabotaimoznosti.mk
Во случај да не сум задоволен од оценката на мојот бизнис план, дали имам можност за приговор?
Да. Имате право да поднесете писмен приговор до соодветниот центар за вработување во рок од 5 работни дена.
Кој тип на правен субјект е најдобар за регистрација на мојот бизнис?
Правните форми кои може да бидат искористени за регистрација зависи од дејноста на бизнисот и ќе бидат дискутирани за време на обуката за претприемништво и информативните работилници.

Со цел кандидатите да ги користат правата и бенефициите од Посебниот фонд потребно е да се регистрираат како ДОО; ДООЕЛ и Трговец поединец.

Дали можам да вработам и друго лице, поддржано од програмата?
Да. Согласно потребите на конкретниот бизнис, Ви се дава можност да аплицирате за најмногу две дополнителни вработувања. Доколку Ви се одобрат дополнителните вработувања, поддршката ќе изнесува 92.000 денари по лице. Средствата треба да бидат искористени за набавка на опрема и/или материјали.
Доколку ми се одобрени дополнителни вработувања кога можам истите да ги вработам?
Дополнителните вработувања се реализираат набргу по регистрација на правниот субјект, во согласност со службените лица.
Дали дополнително вработеното лице/а задолжително треба да биде лице со попреченост?
Не.
Од кога треба да почнам да плаќам придонеси?
Обврските за плаќање на придонеси започнуваат веднаш по вработувањето.
Дали се враќаат парите од грантот?
Доколку лицето – корисник на грантот престане со вршење на дејност (а со тоа престане и работниот однос) пред истекот на една (1) односно две (2) години од датумот на регистрирање на бизнисот, освен во случај на смрт или трајна неспособност, лицето – основач на фирмата има обврска да врати:

  • 80% во готово од финансиските средства искористени за набавка на опрема и/или материјали, и/или
  • 60% во готово од финансиските средства искористени за набавка на опрема и/или материјали, доколку престане со вршење на дејност (а со тоа престане и работниот однос) пред истекот на 2 години од датумот на регистрирање на бизнисот.

Ако фирмата е финансиски неактивна, основачот/корисникот на грантот е должен да врати:

  • 100% од грантот доколку по истекот на 3 последователни месеци од регистрација на фирмата и дополнителните 2 месеци по доставената опомена нема реализирано финансиски трансакции преку УЈП.
Што ако се откажам пред или по регистрацијата на фирмата?
  • Доколку се откажете пред изработка на бизнис план не подлежите на санкции.
  • Доколку се откажете по регистрацијата и искористувањето на грантот и престанете со вршење на дејност пред истекот на една (1) односно две (2) години од датумот на регистрирање на бизнисот, како основач на фирмата имате обврска да вратите:
    • 80% од финансиските средства искористени за набавка на опрема и/или материјали, односно
    • 60% од финансиските средства искористени за набавка на опрема и/или материјали, доколку престане со вршење на дејност пред истекот на две (2) години од датумот на регистрирање на бизнисот
Ако ми се понуди друга работа, дали можам да се вработам, а на мое место да вработам друго лице?
НЕ. Основачот на бизнисот кој припаѓа на целната група – лица со попреченост, нема да може да го отстапи местото и фирмата на друго лице.
Дали можете да ми помогнете да ги обезбедам потребните Наоди и мислења, дозволи, решенија или сертификати кои се неопходни при регистрацијата на правниот субјект во Централен Регистар на Р.М?
Советникот од Агенцијатга за вработување ќе Ви помогне во обезбедувањето на документите за добивање Наод и мислење за определување на работи кои може да ги извршува лицето со попреченост на соодветно работно место.

Обезбедувањето на документи (дозволи, решенија, сертификати, лиценци и др.) кои се потребни при регистрација на некои правни субјекти е обврска на кандидатот и истата ќе се реализира со поддршка на менторот.

Дали средствата добиени со грантот можам да ги земам во готово, во кеш?
Не. Согласно со условите од програмата средствата од грантот можат да се искористат исклучиво за набавка на опрема или материјали/репроматеријали според спецификацијата од изработениот бизнис план.
Колку изнесува висината на грантот?
Висината на основниот грант изнесува 270.000 денари за набавка на опрема и/или материјали, согласно спецификацијата од одобрениот бизнис план.

Селектираните кандидати за дополнително вработување добиваат дополнителен грант во висина од 92.000 денари по лице. Кандидатот може најмногу да вработи две дополнителни лица преку Програмата и да добие дополнителни 184. 000 денари.

Дали може да набавам опрема и репро материјали, а истите претходно не биле предвидени во бизнис планот?
Да, може.

Доставувате барање за промена во спецификацијата за  набавката на опрема и материјал, кое  истото е во согласност со целите, како и во насока на реализација на предвидениот бизнис план.

Што може да набавам со парите од грантот?
Со средствата од грантот може да набавте опрема и/или материјали/репроматеријали  согласно спецификацијата од одобрениот бизнис план.
Дали постои рок за користење на средствата или можам да ги користам во било кое време до истекот на важноста на договорот?
Да. Рокот на искористување на средствата ќе биде одреден во соработка со ЦВ и Мониторинг Координаторот на УНДП. Секако секој учесник во програмата треба да има во предвид дека средствата од грантот треба да се искористат во што е можно пократок рок по потпишување на Договорот.
Дали со средствата од грантот можам да ги покријам трошоците за кирија, комуналии, сметки за тековни трошоци, дозволи и лиценци за работа?
Не. Согласно со условите од програмата средствата од грантот можат да се искористат исклучиво за набавка на опрема и/или материјали.
Кога можем да ја добијам опремата и материјалите набавени преку програмата?
По потпишувањето на договорот за грант корисникот може да започне со реализација на набавките на планираните опрема и/или материјали.

Comments are closed