II. Пријавување на предлог проекти за Општинско – корисна работа

Kој е временскиот рок во кој општините имаат обврска да ја подготват и да ја поднесат програмата за ОКР?
Предвидени се 30 работни дена за подготовка на предлог програмата. Во тој период треба да се планира и доволно време за анализа / истражување на потенцијалните корисници, за проценка на нивните потреби и подготвеноста за учество во програмата.
Што треба да опфати програмата?
Програмата со предлог активности потребно е да содржи информации за крајните корисници на програмата, образложение зошто е избрана токму таа група на крајни корисници, какви услуги им се потребни, кои се очекувањата од реализацијата на програмата, (дали со предлог програмата се нуди нов начин на задоволување на потребите, или се обезбедува поголем опфат на крајни корисници и сл.). Врз основа на утврдените потреби и очекувања од задоволувањето на истите, се дефинираат работните позиции и задачи за невработените лица.
Воедно, програмата треба да содржи информација и за профилот на невработени лица во општината, образложение за избраната целна група на невработени лица кои се планира да бидат опфатат со програмата, очекувањата и сл.
Дали пред пополнувањето на Апликативниот формулар е потребно да се направи некоја поопсежна анализа за состојбата на терен (пример број на деца или број на мајки кои ќе прифатат да се вклучат во проектот и сл.)?
Да, пожелно е да се изврши анализа со која што ќе се добијат сознанија за профилот на крајни корисници, потребните услуги и нивната спремност за учество во програмата. Исто така, потребно е да се оствари непосреден контакт со целната група на невработени лица со цел да се добијат сознанија за потребите на потешко вработливите невработени лица, препреките со кои се соочуваат итн.  Добиените сознанија од овие анализа се приложуваат заедно со програмата на активности предложена со Апликативниот формулар.
Дали треба општината да распише оглас за избор на партнер институција?
Не, не е задолжително општината да распише оглас за избор на партнер институција. Ако во досегашното работење општината има изградено партнерство со една или повеќе организации / институции на локално ниво, и ако истото одговара со природата на проектот, истото може да се вметне и во овој проект.

Вклучувањето на партнер организација, општината треба да го наведе во Апликативниот формулар.

Дали и кога треба да се состави меморандум за соработка помеѓу партнер организациите односно институциите на локално ниво и дали има образец за тоа?
Документот кој го опишува партнерството, општината го доставува заедно со Апликативниот формулар.

Програмата не предвидува модел документ / образец на Меморандум за соработка.

Дали крајните корисници на програмата и услугите кои тие ги добиваат се предвидени во Програмата за Општинско – корисна работа?
Крајни корисници, кои ги опфаќа Програмата Општинско -корисна работа, може да бидат деца од претшколска возраст, стари лица, болни и изнемоштени лица, жители на рурални средини на кои им се обезбедуваат здравствени и/или образовни  услуги,  жртви на семејно насилство, деца без родители и родителска грижа, деца од семејства со нарушени семејни односи, деца со воспитно- социјални проблеми, лица со пречки во вербалната комуникација, аутизам, лица со оштетен вид, лица со оштетен слух, лица со пречки со телесен, ментален и/или комбиниран инвалидитет, материјално необезбедени деца и лица,  деца и други корисници итн.

Услугите кои би ги добиле крајните корисници, а кои не исклучуваат и друг вид услуги, може да бидат: дневна грижа, здравствена заштита, медицински совет и помош, вклучување во спортски активности, изучување на работни вештини, ликовни, музички и театарски активности, советодавни услуги за остварување на одредени права, помош за извршување на секојдневни обврски и/или други обврски, поефикасно претшколско и школско образование и друг вид на услуги кои би се идентификувале како значајни за крајните корисници.

Кој ја врши селекцијата на доставените предлог програми и како се реализира истата?
По завршувањето на отворениот повик, Работното тело составено од претставници на МТСП, АВРМ и УНДП врши селекција на пристигнатите предлог програми, согласно критериумите дадени во Оперативните упатства како Прилог 2.
Како се добива информација за исходот од селекцијата?
По спроведената селекција од страна на Работното тело се испраќа писмено известување до сите општини кои доставиле предлог – програма.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *