Семејниот бизнис на семејството Мицеви од Струмица е вистински пример „од книга“: вклученост, посветеност, конструктивност, непосредност и желба да се успее. Данка и Горан заеднички работат во козметичко – фризеркиот салон, додека нивните две деца секојдневно помагаат.
Данка Мицева, 45 годишна струмичанка, е основач на фирмата Студио Фешн. Со повеќе од 10 годишно искуство како козметиколог, таа со сопругот Горан – машки фризер со повеќе од 20 годишно искуство, одлучуваат Данка да се пријави во програмата за самовработување и да го официјализираат она што го работат цел живот.
„По завршување на обуката за козметикологија во Бугарија, решив дека е дојдено времето да отвориме наша фирма, студио за фризерски и козметичарски услуги. Заедно со сопругот имаме долгогодишно искуство, струмичани не’ знаат како професионалци и вистински зависници од нашата работа. Аплицирав во програмата, успешно ги поминав обуките и го добив грантот. Почнавме со страв, но времето покажа дека сме ја донела вистинската одлука.“
Студио Фешн функцонира на простор од 100м2, лоцирано во семејната куќа на Мицеви. Во моментот вработува 5 лица. Според сопственичката, работата оди одлично, иако предизвиците со кои се соочуваат секојдневно се големи: нелојална конкуренција, општа беспарица. Муштерии има, и нови и оние постојаните, а фирмата постојатно работи во воведување на новитети во услугите и задоволување на вкусовите дури и кај „најспецифичните“ клиенти.
„Како регистрирана занаетчиска дејност, задоволни сме од постигнатото. И не застануваме тука, постојано размислуваме што е следниот наш чекор и во која област може да ја прошириме нашата работа. Јасно ни е дека така ќе останеме актуелни на пазарот, со добар маркетинг и професионален пристап. “- потенцира е Данка.
Следниот чекор на Мицеви е основање на тренинг центар со сертифицирана програма за козметика и фризерски услуги. На простор од дополнителни 50м2, идејата е да отворат обучувачки центар за млади амбициозни стилисти кои би имале желба да учат и да се вклучат во бизнисот.
________________________________________________________________________________________________
„Досега, во нашето студуо сме обучиле многу голем број на млади луѓе од цела Македонија. Дел од нив се’ уште работат со нас, а дел и самите отворија свој бизнис. Се гордееме што сме бил дел од нивното професионално усовршување. Сакаме да им дадеме шанса на младите да учат, и тоа да учат во вистинска работна атмосфера. Затоа, во следниот период сме концентирани токму на овој чекор. Имаме и огромна помош од Занаетчиската комора во Струмица, па се надеваме дека наскоро ќе го отвориме првиот ваков центар во овој дел на државата.“ – со нескриена возбуда ни раскажува Горан.
________________________________________________________________________________________________
Сопружниците Мицеви делат заедничка визија за својот бизнис. Со гордост истакнуваат дека во нивните деца гледаат наследници во занаетот, па дури и унапредување со академско знаење и светски трендови. Ќерката Михаела, која веќе го завршува средното медицинско училиште има желба да продолжи со студии по дерматологија во странство. Но, и да се врати во Струмица и да даде свој печат и придонес во семејната фирма.
„Среќни сме што гледаме дека и децата се вклучуваат во нашата приказна. Се интересираат, помагаат, даваат идеи и сугестии… ние ќе им оставиме добра основа, па ќе видиме како ќе продолжи нашата приказна. Важно е да се гледа напред!“- заклучува Данче Мицева.