Кога се разговара со 30-годишната Ќание Селими од Тетово се добива впечаток дека се разговара со искусен деловен човек кој знае што сака од бизнисот и има јасен план за развојот и предизвиците со кои се соочува секој ден.
Таа веќе две година го раководи Едукативниот центар за деца „Реа“ во Тетово. Во моментов „Реа“ функционира на простор од над 800м2, згрижува вкупно околу 100 деца од 3 до 5 години за кои се грижат 15 лиценцирани едукатори и воспитувачки.
Ќание е една од успешните кандидати кои го добија грантот од програмата „Самовработување“ во 2013 година и ја реализираше својата долгогодишна идеја. Со претходно искуство како администратор во училиште за странски јазици, но пред сè како мајка на две деца за кои сама се грижи, долги години во неа тлее идејата за сопствен бизнис, и тоа токму во сферата за грижа на мали деца.
„За програмата дознав сосем случајно. Од веб страницата самовработување.мк ги дознав сите потребни информации и она што го дознав идеално се вклопуваше во мојата првична идеја – веднаш ги испланирав тие 185.000 денари, успешно ја поминав обуката и, конечно, мојот сон се оствари. Освен финансиските средства, од огромна помош ми беше и обуката – слушнав и почнав да размислувам за работи што од дома не ни претпоставував дека се важни за водење на својата фирма“.
За само една недела по отворањето на првиот центарот и со само еден единствен пост на фејсбук веднаш се пријавија 15 дечиња кои денеска редовно поминуваат по 5 часа, секој ден во неделата, со своите другарчиња и воспитувачките. Тој првичен импулс од жителите на Тетово ѝ ја дава потребната самодоверба на Ќамие дека е на прав пат.
________________________________________________________________________________________________
„Секако дека се плашев на почетокот. И нормално дека сè не оди така едноставно. Имам голема поддршка од моето семејство, заедницата, но најмногу од родителите на децата. Ми ја подарија довербата јас и мојот тим да се грижиме за нивните деца, споделуваме искуства, им ги кажувам моите планови, тие ми го кажуваат своите мислења… со еден збор, навистина уживам во мојата работа“.
________________________________________________________________________________________________
Но, оваа деловна жена за пример не застанува тука. Во тек е добивањето дозвола за пререгистрација на фирмата во градинка која ќе функционира под капата на Министерството за труд и социјална политика и ќе работи по одобрена предучилишна програма. Веќе за следната година Ќание планира уште поголемо проширување, но сега на сопствен деловен простор. Таму ќе има можност за згрижување на уште повеќе деца кои ќе работат во повеќејазични групи, но и да вработи уште најмалку 10 дополнителни работни позиции.
Додека ние завршуваме со разговорот, Линдита, Енис, Јон и Наим ни ги покажуваат своите последни цртежи и задоволни ни раскажуваат како им поминува денот. Со Ќание заеднички заклучуваме дека Едукативниот центар „Реа“ е пример за одличен спој на добра и издржана бизнис идеја со сериозен менаџмент и институцијална поддршка.