Партнерство со душа

 

 

Филигранот подразбира детално познавање на традицијата, натчовечка трпеливост при изработката, оригинална вештина за спој на уметноста и функционалноста, а најмногу огромна љубов за „убавото“. И штом ќе влезете во заедничкиот продажен салон на Ани и Маја, несомнено, тоа и ќе биде првиот впечаток: место за убави и уникатни нешта.

Маја Донева и Андријана Алексовска се кориснички на грантот во рамките на програмата „Самовработување“ од 2014 година. Се запознаваат за време на обуките, ги споделуваат сопствените бизнис идеи и веднаш увидуваат дека можат да се надополнат и заеднички да продолжат. Со средствата од грантот ги отвораат фирмите, набавуваат машини за изработка на накитот и репроматеријали.

„За време на обуките за претприемништво во Агенцијата за вработување ја слушнав идејата на Ани, ѝ пријдов и ѝ реков ’Ти ми требаш!’. И така се договоривме да продолжиме заеднички на пазарот. Учиме една од друга, се надополнуваме, се бориме и одиме понатаму!“ – со насмевка ни раскажува Маја.

Во моментот тие го користат просторот во рамките на Инкубаторот за занаетчии лоциран во центарот на Скопје. Изработуваат накит и украсни детали од филигран, но и од друг несекојдневен уникатен материјал: конци, стакло, керамика, алуминиум, картон… Скромно истакнуваат дека се задоволни од продажбата, се трудат што е можно повеќе да стават акцент на промоцијата и да се претстават пред поголема публика, свесни дека само така можат да опстанат да се борат со предизвиците.
________________________________________________________________________________________________

„Уште од почетокот немавме илузии дека ќе ни биде лесно. Признаваме дека е тешко, но не се предаваме. Низ работата учиме како да се истакнеме на пазарот, внимателно ги правиме чекорите и не се предаваме. Активни сме во сите комори и здруженија на занаетчии и со сигурност тврдам дека тоа е единствениот начин за успешен пласман на нашите производи, и тука и во странство“ – категорична е Андријана.

________________________________________________________________________________________________

За идните планови не сакаат многу да зборуваат. Работат систематски, трпеливо и упорно. Веруваат дека за квалитетот секогаш ќе има лојални купувачи и дека оној поинаков уметнички израз секогаш ќе има своја цена. Но, апелираат на поквалитетно и постратешко здружување на сите сродни занаетчии и достојно претставување на овој тип традиционална изработка на накит.

Comments are closed