Шанса за успех

„Првото нешто што им е потребно на Ромите е шанса и информација. Генерално немаат самодоверба, не веруваат во системот или едноставно не ги знаат можностите и придобивките за регистрирање на свој формален бизнис во рамките на активните мерки и програми за вработување“ – вели Синиша Пекевски, еден од менторите ангажирани да асистираат на припадниците на ромската заедница при изнаоѓањето на најсоодветните модели за нивно (само)вработување.

 

IMG_0464

Синиша е ментор за вработување во рамките на пилот проектот со мото „Изнаоѓање нови решенија за подобро вклучување на Ромите во општеството“, кој се реализира со цел зајакнување на капацитетите на Ромите и подобар пристап до ефикасни социјални услуги, како и можности за развој на добар бизнис. Освен менторите, во проектот се ангажирани и четири тренери кои во моментов работат во четири општини во Македонија – Тетово, Куманово, Шуто Оризари и Прилеп, и кои преку мрежата на ромските информативни центри, невладините организации, но преку неформални контакти на терен, детектираат потенцијални заинтересирани апликанти за програмите.
________________________________________________________________________________________________

Ердал Ибраимов е типичен пример на млад кумановец од стара ромска фамилија, со желба за „своја пара“, но и огромна недоверба дека навистина му се нуди добра шанса. Потекнува од занаетчиско семејство, а во последните 50 години неколку генерации од неговите блиски роднини се бербери и фризери.

________________________________________________________________________________________________ Неговата мајка Зизи е една од најпознатите фризерки за жени, со над 25 – годишно искуство, и според кажувањата на кумановци е синоним за брза „а ла минут“ квалитетна услуга. Ердал отсекогаш сакал да ја продолжи семејната традиција, но до сега немал шанса да посетува обука за успешно водење бизнис, ниту, пак, има средства за отпочнување на свој сопствен бизнис.

IMG_0466

Со помош на тренерот за вработување за Куманово, кој го детектирал Ердал како потенцијален добар кандидат за програмата „Самовработување“, тој ги добива првичните информации, а понатаму под менторство на Синиша детално работи на дефинирање на својот иден бизнис профил, но и на начините за реализација на истиот. Според податоците добиени од прашалникот, Ердал е одличен кандидат за програмата „Самовработување“. Токму од таа програма, освен што ќе му се даде можност да ја посетува обуката за претриемништво, кандидатот ќе добие и неповратни средства во висина од 185.000 денари за набавка на репроматеријали и опрема за новоотворениот бизнис. Тие средства на младиот и надежен фризер ќе му бидат сосем доволни да почне со работа во својот нов фризерски салон за мажи.
Очекувањата од проектот, реализиран со финансиска поддршка на Швајцарската агенција за развој и соработка, се дефинирање на клучните причини за социјалната исклученост на Ромите, но истовремено и развивање на капацитетите на сите партнери вклучени во процесите за подобра инклузија на Ромите.

Comments are closed