Магистерот по моден менаџмент Даниела Милошеска e енергична, модерна и амбициозна млада урбана девојка. Со само 26 години, во 2013 година таа го основа својот моден продажен портал www.bastetnoir.com
Замислен како модна платформа за презентирање домашни дизајнери во неколку категории, но и за онлајн продажба, дури и по две години од формирањето, идејата на Даниела се дефинира како иновативна и оригинална.
„По завршувањето на студиите во Ница, Франција, и праксата во Лондон, замислата ми беше да пренесам дел од модните трендови и кај нас. И тоа не само во контекст на она што претставува модата како стил на и филозофија на живот туку и во еден друг бизнис сегмент – презентирање на модните парчиња и нивна полесна достапност до сите ’фашионисти’“ – раскажува Даниела.
Преку свои пријатели дознава за програмата „Самовработување“, без двоумење аплицира и го добива грантот. Набавува опрема за својата канцеларија, работи на веб-страницата и почнува со комуникацијата со модните дизајнери од земјава. Почнува сосем сама, и тоа во ситуација кога нејзиното семејство и најблиско опкружување нема практична поврзаност со овој тип бизнис.
________________________________________________________________________________________________
„Морам да признаам дека на почетокот нашите дизајнери беа скептични кон ваквиот начин на промовирање и продажба, посебно кога станува збор за пласман на странските пазари. Но, сега веќе ситуацијата е значително изменета. Во моментов над десетина наши дизајнери со свои избрани парчиња се присутни на порталот… и да, продажбата оди! Со скромни чекори, ама сепак се движи!“ – објаснува Даниела.
________________________________________________________________________________________________
На месечно ниво, преку сајтот се вршат околу 10 продажби, што можеби изгледаат малку, но за дизајнерите значат многу. Швајцарија, Англија, Турција, Србија, Словенија се дел од пазарите каде што се носат моделите на нашите креатори, и тоа едноставно и експресно набавени и доставени преку www.bastetnoir.com.
Во периодот што доаѓа идејата на идејниот творец на овој бизнис е поголем фокус и средства за промоција, и тоа строго насочена кон потенцијалниот странски купувач. Со лимитирани финансиски средства Даниела се труди да извлече максималниот ефект од промотивната стратегија. Додава: „ Многу добро знам што значи добра промоција, и тоа во ваков бизнис. Со моите соработници активно работиме на осмислување на онлајн кампањи за социјалните мрежи и за неколку други модни медиуми. Ова е само почеток, сигурна сум дека уште хоризонти чекаат на нас…“
И додека разговараме, регистрирана е уште една трансакција за набавен моден детаљ – чанта дизајнирана од наша млада дизајнерка од купувач од Хрватска. Бестетноир го трасира својот пат на модната бизнис карта, но и ја промовира Македонија како извор на уникатни и оригинални креации вредни за странските пазари.