Семејниот бизнис – успех кој трае

 


 

 

 

Во Прилеп сите ја знаат пекарницата на дедо Димче во населбата Џогдере. Основана уште во далечната 1938 година како прва фурна во градот, таа и денес функционира како традиционален семеен бизнис. Дедо Димче и денеска во градот се споменува по оригиналниот рецепт за домашен бел леб, толку совршено замесен и до перфекција испечен на посебно дизајнираната фурна на дрва од пред речиси еден век.

„Фурната работеше до 1975 година. Кога дознавме за програмата ’Самовработување’ во 2013 година, веднаш со моите двајца браќа се одлучивме едниот да аплицира, да ја искористиме поддршката во набавка на материјали, во нашиот случај брашно, и повторно да го отвориме дуќанот. Секако, имавме и големо разбирање и дополнителен елан и од постарите членови на семејството, многу разговаравме, се навраќавме на минатото и аманетот на дедо ми… конечно се решивме и отворивме!“ – со ведрина во кажувањето ја почнува приказната Влатко Апостолски.

Аманетот на стариот Димче за продолжување на бизнисот бил остварен, а квалитетот и вкусот на лебот не бил заборавен! За само една недела од официјалното отворање и со само 200 парчиња леб на ден „Стара фурна“ експресно започнува со зголемено производство, за само пет дена количината се удвојува, а редот пред влезот за свеж и топол леб сè повеќе расте.
________________________________________________________________________________________________

„Работите навистина се движеа многу брзо. Старите жители на Џогдере кои традиционално купувале од кај нас повторно се наши редовни муштерии, но имаме и нови. На почетокот мислевме дека само нашето семејство ќе биде ангажирано, ама пазарот ни покажа потреба од повеќе.Во моментов произведуваме речиси 4000 парчиња леб, нашите 32 вработени работат во 3 смени, ги снабдуваме сите помали маркети во градот “ – продолжува Влатко со несмален ентузијазам.

________________________________________________________________________________________________
Плановите на семејството Апостолски не завршуваат тука. Во план е отворање на новата фурна во технолошката зона „Металец 1“ близу Прилеп. Новите проекции зборуваат за уште најмалку 30 ново вработени и уште 5 фурни – повторно поставени на традиционалниот начин на дрва.

„Примерот на семејството Апостолски е доказ повеќе дека традиционалните семејни бизниси, со добра анализа и оценка на сите предности и недостатоци и моменталната побарувачка на пазарот можат и денеска да бидат и повеќе од успешни. Целта е само внимателно да се пристапи на идејата, а пазарот и резултатите сами ќе го диктираат понатамошното темпо“ – објаснуваат од Програмата за развој на Обединетите нации – имплементатор на програмата „Самовработување“.

„Стара фурна“ ја напуштаме со мирисот на топол леб, сличен на оној од кујните на нашите стари баби. Ентузијазмот, посветеноста и оптимизмот со кој разговара Влатко Апостолски ни влева надеж дека навистина постојат мали бизниси кои се големи по својата лична приказна, визијата што секојдневно трпеливо ја градат и успехот кој неминовно ќе ги следи.

Comments are closed