Како сјајната идеја во кутија стана бизнис

 


 

 

 

 

Животната приказна на Панче Ѓорѓевски наликува на филмска. Натурализираниот битолчанец е сопственик на фирмата за изработка на веб решенија Брајт бокс – компанија основана во рамките на програмата „Самовработување“ од 2013 година. Она што почна како „сјајна идеја во кутијата“ во малата собичка на Панче, денеска претставува стабилен бизнис со 16 вработени, професионален партнер на многу познати клиенти ширум светот, но и извор на оригинални креативни и функционални идеи.

На родениот тетовец, уште од најмала возраст му се всадува идејата дека само со сопствен труд, но и со преземање ризик ќе може да смета на успех. И ако паднеш, треба да станеш, да истапиш и да продолжиш со уште поголеми чекори напред. Без формално образование од областа на информатичките технологии, Панче знаењето го стекнува искуствено, на почеток како вработен во слични фирми во Битола, понатаму како „фриленсер“, а сега како сопственик на свој бизнис.

Преку свои пријатели дознава за програмата „Самовработување“, без двоумење аплицира и го добива грантот. Набавува компјутерска опрема и принтери. Почетокот на многумина им изгледа тежок и неизвесен, но за Панче тоа е само уште еден почеток во животот.

________________________________________________________________________________________________

„Во животот научив дека треба одново и одново да се почнува од почеток. Почнав како вработен, а сега сум работодавач. Работам на себеси, но работам и на своите вработени. Константно учење, секојдневна надградба и следење на трендовите, развивање на тимскиот дух… Само на тој начин сум сигурен дека мојата компанија ќе оди напред. ’Моите луѓе’ се најголемата вредност на Брајт бокс“.

________________________________________________________________________________________________

Брајт бокс во моментов работи претежно за странски пазари во делот на развивање веб решенија од областа на директната продажба, е- трговија и осигурување. Сите 16 вработени, организирани во 3 оддели, функционираат како тим во кој секој си го знае своето место. Со просечна старост од само 25 години, оваа фирма е синоним за лежерно–продуктивна работна средина, слична на онаа во големите интернет светски корпорации.

Кој е најновиот предизвик за оваа година? – го прашуваме овој млад човек кој веднаш остава впечаток на роден лидер со јасна визија за иднината. Во периодот што доаѓа Брајт бокс ќе се фокусира во делот на обуката на млади професионалци и прераснување во центар за реализација на верификувани обуки од оваа област.

„Идејата ни е она што сега го работиме, на почетокот со младите луѓе кои доаѓаат да учат кај нас, и од нас да добие формална рамка. На младите луѓе треба да им се покаже како навистина функционира работата бидејќи верувам дека само на тој начин тие вистински ќе се подготват за реалните работни задачи“.

„Брајт бокс“ или јасната идеја која се роди во малата, прва неофицијална канцеларија на Панче, е доказ дека за претприемништвото е пред сè, желба и визија. „Тоа е формулата“ – вели младиот Ѓорѓевски додека се подготвува за скајп – состанок со своите клиенти од Англија.

Comments are closed