Она што почнало како иновативна и нова идеја на Живка Костадиновска, денеска претставува успешна компанија за производство на органска храна „Аронија здрава храна“. Водени од светските трендови на здрава храна, без вештачки додатоци, а пред сè од менувањето на животниот стил на нашите граѓани, кои имаат желба и волја да променат дел од своите прехранбени навики, семејството Костадинови ја отвора фирмата со единствена замисла: да понудат нешто ново и поинакво на пазарот.
Тоа и им успева. Во рамките на програмата „Самовработување“ бизнисот го основаат во 2007 година. Од средствата од грантот набавуваат различни видови брашно, јаткасто овошје и калапи за првите количини посни десерти. Формализација на бизнисот значи и нов развоен пат, со сите отворени можности и предизвици на пазарот.
________________________________________________________________________________________________
„Почнавме буквално од нашата кујнска маса. Експериментиравме, пробувавме разни комбинации. Првите рецепти ги копиравме од интернет, а подоцна почнавме и со наши варијанти на едноставни посни крекери. За многу кратко време почнавме со помасовно производство, вработивме дополнителни лица, а истовремено ја збогатувавме и понудата со воведување нови производи. Следуваше и отворање на нашите први малопродажни места во Велес“ – раскажуваат.
________________________________________________________________________________________________
Денеска фирмата вработува 4 постојано вработени лица. Менаџерската палка Живка ја предава на ќерката Анита, која претставува нова движечка сила на компанијата.
Денеска компанијата е најпозната по својот најпопуларен бренд „Биокосмос“. Под палетата на веќе добро претпознатливото зелено лого има десетици најразлични производи, достапни во сите поголеми маркети низ државата, но и на посебните пет продажни места „Биокосмос – природна и органска храна“. Интересот на купувачите секојдневно расте, а побарувачката е сè поголема. Нов предизвик е отворање нов погон за безглутенска храна, нешто што претставува реткост и во поширокиот регион. Отворањето ќе значи и директно вработување уште на најмалку 5 луѓе.
„Пазарот ни покажува дека има потреба од домашна, достапна и квалитетна безглутенска храна. Идејата ни е да започнеме со неколку едноставни производи, а потоа постепено да воведуваме нови. На подолг рок, планираме извоз на овие производи на реогиналните пазари, иако сме свесни дека пробивањето на нашите брендови во странство оди многу тешко и подразбира големи средства за промоција“.
Вегански крекери, сушено овошје, рогач, спирулина во прав, козја сурутка, органски масла, разни зачини… „Аронија здрава храна“ со брендот „Биокосмос“ претставуваат светол пример како треба да се верува во идеите. Истите тие идеи, со добар менаџмент и стратешко бизнис планирање се дефиниција за успешен бизнис.