Бизнис кој го разубавува животот

„Предизвикот е да се планира добро и да се надминат тешките моментални услови. Ако можете тоа да го направите, тогаш само помислете што можете да постигнете кога општите услови за работа на пазарот ќе се подобрат!“

Untitle2d21

„Кога почнувате со бизнис секогаш постои ризик“, вели Велика Трајановска.

Компанијата на Велика е само една од компаниите кои беа погодени од актуелната економска криза што ја зафати државата и светот во последните години. Но, Велика е решителна да не го напушти својот сон, да издржи и да продолжи понатаму. Таа вели: „Уште од факултетските денови и студиите по агрономија сакав да отворам моја цвеќарница. Програмата ми овозможи мојот сон да стане реалност. Навистина, во време на рецесија луѓето трошат помалку пари за луксузи како што се букетите цвеќе, но обуката ми помогна да го подобрам моето разбирање за тоа што е всушност бизнис и да бидам многу пореална во проценката на јаките и слабите страни на моите идеи“.

Untitle2ds21Влатко Поповски, директор на Агенцијата за вработување на Република Македонија, ги знае тешкотиите со кои се соочуваат новите бизниси, но е охрабрен од резултатите кои се постигнуваат со Програмата: „Имајќи ја предвид тековната економска клима навистина е  извонредно како овие бизниси успеале. Според последните проценки, околу седумдесет проценти  од нив се успешни, што е многу поголема бројка споредено со меѓународниот просек за новозапочнати бизниси. Секако, јас не би сакал да го минимизирам предизвикот со кој се соочуваа  малите бизниси, затоа што во моментов  е посебно тешко за успех на  кој било мал бизнис “.

Санела Шкријељ, еден од експертите обучувачи, се согласува дека економската клима претставува предизвик за малите компании. „Поминуваме низ тешки времиња од почетокот на економската криза, која предизвика и глобална рецесија“, вели Санела. „Но, бизнисите треба да гледаат оптимистички на околностите. Поради тоа ние ги учиме нашите кандидати да бидат флексибилни и да гледаат кон иднината, да бидат подготвени во секое време да ги ревидираат и да ги прилагодат своите бизнис модели. Ако Вашиот бизнис може да опстане во ваква економска клима, тогаш ќе бидете подобро подготвени да ги искористите економските можности кои следуваат по тешките времиња.“

По завршувањето на факултетот, Велика работела како менаџер во една оранжерија сè до 2003 година кога останала без работа. Мажена, мајка на едно дете (ќерка), љубовта кон цвеќињата сè уште била присутна. Сонот дека ќе има своја цвеќарница стана реалност благодарение на Програмата самовработување од 2011 година.

Како и многу  други учесници, Велика за првпат слушнала за програмата од своите пријатели. „Ние бевме изненадени колку брзо се пренесуваат информациите“,  вели Ацо Прескакулев, советник и координатор на Програмата за самовработување во Агенцијата за вработување на Р.М. „Во 2012 годна имавме околу 4.800 учесници и голем дел од нив слушнале за програмата од претходни корисници. Оттука, сметам дека Програмата е реклама  сама по себе“.

„Одлучив да ја разгледам оваа идеја, – вели Велика –  и информацијата која ја добив од УНДП и од Центарот за вработување ми потврди дека тоа е вистинскиот потег што  требаше да го направам. Секако дека бев исплашена, но си реков дека ова е можноста која ја чекав и која ќе ја обезбеди мојата иднина“.

Untitle2saadds21

________________________________________________________________________________________________

Најважната работа која Велика ја научила од обуката е фактот дека новите компании треба да бидат флексибилни: „Флексибилноста на бизнисот и определбата за успех – тоа се важните параметри, посебно во почетната фаза. Не можете да очекувате успех преку ноќ во ваква економска клима, треба да планирате како да опстанете во вакви тешки времиња“.

________________________________________________________________________________________________

Весна Џутеска Бишева, помошник постојан претставник за Програмски активности во УНДП, се согласува дека упорноста е клучна. „Целта на оваа програма е поддршка и охрабрување на луѓето кои се определени да успеат. Бизнис идејата, определбата за успех, па и основниот капитал се од страна на учесниците. УНДП и државните институции се тука да им помогнат да ги осмислат и зајакнат своите идеи, да ги преточат во одржливи бизнис планови, како и да ги подготват учесниците за административно работење, финансиски и сметководствени работи, потребни на секој претприемач“.

По успешното завршување на обуката, со почетните финансиски средства кои го добила како дел од Програмата Велика инвестирала во семе, ѓубриво и нова стаклена градина, што овозможило драстично зголемување на  производството. Посветувајќи се на производство без да се направи дополнителни трошоци и без ризик за продажба, таа прави одлична основа за понатамошен раст.  Велика гордо истакнува: „Наскоро планирам да го зголемам производството. Кога ќе дојде вистинскиот момент, ќе го зголемам бизнисот и ќе инвестирам во транспортот за да го зголемам бројот на испораки“.Untitle2sadds21

Таа додава: „Сите кои планираат да се пријават за оваа програма ги советувам: Надминете го   стравот од неуспехот и  соочете се со ризикот бидејќи, дури и да не успее бизнисот, сепак, ќе можете да се погледнете себеси во очи и да си речете дека, сепак, сте дале сé од себе“.

Освен постојните функционални мерки за поддршка на успешните бизниси со финансирање на дополнителни вработувања, целта на Владата и на УНДП е отворањето на една веб страница која би го подобрила пристапот до информациите. Со тоа ќе се овозможи ефективно учество на потенцијалните кандидати во фазата на аплицирање  за Програмата, а исто така ќе послужи и како портал за оние кои веќе регистрирале бизниси од претходните години од реализацијата на Програмата самовработување. Веб страницата ќе биде платформа за размена на искуства и се планира да претставува дополнителна институционалната инфраструктура за поддршка, од онаа која веќе е обезбедена од страна на Владата.

Comments are closed