Пред две години, кога првпат дозна за Програмата, Игор Гучков беше невработен, а неговата сопруга бремена со нивното второ дете. Тоа беше негова најдобра шанса да добие постојано вработување и да почне бизнис со единствената дејност која секогаш уживал да ја работи. ,,Во тој период чекавме да се роди и нашето второ дете. Тоа што се нудеше во оваа програма беше вистински поттик да одлучам”, вели Игор. ,,Или требаше да се откажам од својот сон или требаше да одам до крај за да успеам пред да биде предоцна”.
Сонот на Игор беше да отвори свој салон за тетовирање во родниот град Битола. ,,Тетовирањето е мојата страст. Едноставно не можам да се замислам да работам некоја друга работа. Дома имав простор кој лесно можев да го прилагодам во тату салон, но законските процедури и сите детали за планирање бизнис ми беа непознати, а, секако, и немањето финансиските средства потребни за опремата беше уште една дополнителна пречка за да можам да почнам со бизнисот”, истакна тој.
Програмата самовработување е предвидена да се исполнат потребите на лицата како што е Игор, лица кои ги поседуваат потребните вештини и имаат остварлива бизнис идеја, но немаат искуство за отворање свои фирми и да работат за себе. ,,Честопати забележуваме дека учесниците имаат одлични идеи за свој бизнис, но се плашат од документацијата за регистрирање на својот бизнис”, вели Лилјана Стојановска, советник во Центарот за вработување во Битола.
________________________________________________________________________________________________
,,Луѓето ги преценуваат тешкотиите при основање компанија и затоа ние им стоиме на располагање да ги упатиме низ целиот процес, а истовремено им ја зајакнуваме и самодовербата”.
________________________________________________________________________________________________
Во 2010 година Игор, конечно, решава да се пријави за помош и да го регистрира својот бизнис. Работи заедно со тимот од Центарот за вработување при подготовката на бизнис планот и ја следи обуката за процедурите при регистрација на фирма реализирани од страна на претставниците на УНДП задолжени за мониторинг. По две години, пресреќен го отвора својот прв салон за тетовирање во својот роден град Битола. Салонот е опремен со алатки кои делумно беа финансирани преку грантот за самовработување.
32-годишниот Игор го отвора салонот Скинсин (SkinSin) во приземјето на својата семејна куќа, којшто набргу стана еден од најпопуларните салони за тетовирање во градот.
,,Пријавувањето за учество во Програмата беше една од моите најдобри животни одлуки, сега верувам во себе и сум решителен да водам успешен бизнис”, истакнува Игор.
Салон за тетовирање– Скинсин (SkinSin) Битола
Локација: ул. “Гаврило Принцип„ 15, 7000 Битола
Контакт: 078/271-721