Јелена Костовска отсекогаш посакувала еден ден да стане дизајнер на облека. Тоа бил нејзиниот најголем сон уште од десетгодишна возраст.
„Уште од мала знаев што сакам да бидам, се запишав во средното текстилно училиште, – вели таа – а по завршувањето на училиштето работев со двете најдобри дизајнерки во земјата. Потоа почнав да продавам облека во бутици – мои сопствени креации.“
Сега Јелена (38 години) е мајка на две деца и е блиску до исполнување на сопствениот сон – отворање сопствена модна куќа. Свој моден бизнис, конкурентен на големите дизајнерски имиња во државата.
Својот прв бутик Јелена го отворили пред седум години. За тој период од нејзиниот живот таа вели: „Водењето бизнис тогаш се покажа како многу тешка работа бидејќи немав познавања за тоа како се водат финансиите на една фирма. Беше потребен многу поголем труд од тоа што мислев и очекував на почетокот“.
Но, тоа не ја обесхрабрило Јелена. Напротив, таа продолжила да работи, да стекнува сé поголем број лојални и задоволни клиенти. Но, ограничениот капацитет на нејзиниот бизнис претставувал голема пречка, поради што и нејзините надежи за проширување на бизнисот почнале да згаснуваат.
________________________________________________________________________________________________
Минатата година, сосем случајно, на ТВ Јелена здогледала реклама за Програмата самовработување, која обезбедувала токму тоа што ѝ било потребно. Таа прво учествувла на дводневната работилница како поддршка во делот на планирањето и управувањето со бизнисот, а потоа добила грант кој ѝ послужил за набавка на потребната опрема со која би го проширила бизнисот. „Се распрашав и дознав дека некои мои пријатели веќе учествувале во една ваква програма и беа воодушевени од истата. Тоа ме поттикна да се пријавам, а по пријавувањето бев избрана да ја следам обуката.“
________________________________________________________________________________________________
Обуките во рамките на Програмата самовработување, кои се реализираат низ целата државата, се отворени за сите невработени лица кои имаат јасна идеја за почнување сопствен бизнис. Сите пријави за обуката се оценуваат од страна на Експертска комисија. Марјан Стојчев, член на Комисијата, истакнува: „Процесот на селекција е клучен бидејќи секој бизнис план кој го прифаќаме во оваа фаза мора да има реална шанса за успех.“ Тој исто така нагласува дека „при процесот на селекција се земаат предвид повеќе фактори и критериуми. Како луѓе од бизнисот секако дека сакаме да го поттикнеме претприемништвото, па затоа ние сме најсреќни кога некој бизнис план ќе стане успешен бизнис. Mора објективно да се проценат ризиците и веројатноста бизнис планот да стане успешен бизнис. Би ги советувал кандидатите да бидат колку што може пореални во своите апликации, но и да не се обесхрабруваат доколку нивниот прв обид е неуспешен – секогаш постои друга програма и друга можност за ревидирање на нивната првична идеја.”
Успешните кандидати учествуваат во дводневни интензивни обуки организирани од страна на Владата и УНДП со цел помагање при развивањето на нивната бизнис идеја.
Јелена заклучува: „Обуката навистина ми ја поттикна самодовербата, посебно делот за планирање и водење финансии. Обучувачите направија целата работа да изгледа поедноставна и поприфатлива. Мислам дека секој што има добра идеја и е решителен да ја оствари и има желба да го заврши проектов до крај, ќе може да ја реализира својата идеја и да постигне успех за кратко време.”
На крајот на обуката тимот обучувачи внимателно ја оценува секоја бизнис идеја и ги идентификува оние кои имаат потенцијал да се развијат во успешна компанија. Ристо Иванов, кој раководи со тимот на обучувачи, вели: “Кога одлучуваме кои бизнис идеи ќе бидат одбрани да учествуваат во следната фаза на поддршка земеме предвид повеќе фактори почнувајќи од предвидената профитабилност на секој бизнис, вештината за управување со бизнис и работното искуство на секој кандидат. Како што знаеме, успешниот бизнис е условен од многу компоненти.“
Кандидатите чии идеи се одобрени на крајот на обуките понатаму се поддржуваат во фазата на изработка на бизнис план. Важен дел е и финансиската поддршка со која се покриваат трошоците за регистрација на фирмите. Кандидатите кои регистрираат фирма во поднесениот бизнис план детално објаснуваат што ќе набават со грантот, кој е во износ од 3000 евра.
Бизнис планот на Јелена беше прифатен. Сега, со поголем оптимизам и поголема самодоверба, таа веднаш почна да ги користи вештините стекнати на обуката.
Модниот дизајнер Јелена објаснува: „Со парите од грантот можев веднаш да почнам да работам. Купив две машини за шиење, компјутер и фотоапарат. Ја опремив работилницата со клима уред, работна маса и друг мебел. Исто така, обрнав поголемо внимание и на маркетингот, така што со парите добиени од грантот направив визит карти, флаери и модни постери, лого за компанијата и рекламен панел за да се привлечат клиентите. Мислам дека дефинитивно програмата нуди голема шанса за почеток за секој оној кој има претприемнички дух.”
Клучна цел на Програмата самовработување е намалувањето на невработеноста преку основање мали бизниси, кои воедно ќе обезбедат приходи на самите претприемачи и на лицата кои тие ги вработуваат.
„Одлично е чувството кога гледам како фирма која била основана со помош на оваа програма расте и се развива”, вели Менка Гугулевска, советник во Центарот за вработување во Скопје. „И на самиот почеток на проектот некои кандидати покажуваат голем потенцијал не само за успех туку и капацитет за развој на бизнисите во поголеми компании при што ќе можат да вработуваат и други лица.”
Бизнисот на Јелена претставува добар пример, како резултат на програмата таа веќе успеа да вработи едно лице. „Планирам фирмата да ја развијам во голема модна куќа, која ќе се натпреварува со квалитетот и цените со веќе постоечките познати модни куќи на пазарот”.