Добар земјоделец – добар претприемач

 

 

„Луѓето не треба да мислат дека Програмата има за цел да го помогне формирањето бизниси само во урбаните средини бидејќи намалувањето на невработеноста во руралните предели е еден од главните приоритети на Владата и УНДП“, вели Виолета Димитриевска, раководител на Одделот за активни мерки за вработување во Агенцијата за вработување на Р.М.
________________________________________________________________________________________________

Како резултат на големата стапка на невработеност во овие региони, понискиот степен на образование и немањето  соодветни квалификации, како и доминантноста на појавата на постоење неформален земјоделски бизнис,  руралните средини се во фокусот на Програмата самовработување. Последните истражувања укажуваат дека околу 47% од целокупната земјоделска работна сила не добива надомест за својот труд.

________________________________________________________________________________________________

„Официјално, околу една петтина од работната сила е вработена во земјоделството.  Земјоделството како гранка секогаш претставувало амортизер на социо-економските и структуралните промени во економијата“, вели Виолета.

Во периодот 2008-2011 година Програмата за самовработување им помогнала на 479 бизниси од земјоделието, шумарството и рибарството  да станат регистрирани фирми.

Хисни Демири од село Желино, Тетово, уште од дете работел како млекар. „Моето семејство имаше крави, па и јас го напуштив училиштето за да работам со нив. Ја сакам оваа работа, која ни е и семејна традиција“, објаснува тој.

Покрај неговото искуство и вештини, млекарството како дејност е изменето, а млекари како Хисни и неговото семејство се соочија со предизвикот да го формализираат и регулираат својот бизнис. „Бидејќи не бевме регистрирана компанија, не можевме да им продаваме млеко на производителите, така што  регулирањето на бизнисот беше најголемата причина да аплицирам во програмата“,  истакнува Хисни.

Од 2008 година, преку програмата на УНДП за поддршка на формализирањето на бизнисот регистирани се  над 1,100 бизниси. Речиси 300 од овие бизниси се формализирани во 2012 година преку компонентата за формализирање на Програмата за самовработување.

Регистрирањето на компанија му овозможило на Хисни да ги пласира и продаде своите млечни производи на млекарницата ХИТ 73 од село Камењане. Во овие нови услови семејниот бизнис не само што е регулиран и опстанува со просечно дневно производство на 130 литри млеко туку Хисни може да планира како да го прошири бизнисот.

Бизнис планот на Хисни вклучуваше инвестирање во повеќе земјиште и опрема, а по работилницата, тој успеа во својот предлог за финансиски средства за купување опрема и прскалки. Со новата опрема и со новите стекнати знаења Хисни е сигурен во добрата иднина на својот бизнис. Секако, за Програмата има само позитивно мислење: “Многу работи кои ги научив во текот на курсот беа целосно нови за мене. Сé што знам за бизнисот е благодарение на курсот“, истакна Хисни.

Comments are closed